Византискиот континуитет на античките Македонци
Античките Македонци имале исклучително силно влијание врз процесот на групната самоидентификација и креирањето на идентитетот на населените Словени во Македонија Во контекст на религиската ориентација на Македонците во 4 век, мошне илустративно е сведоштвото на Созомен. Тој пишува дека императорот Теодосиј, при пристигнувањето во Македонија, летото 379 година, бил мошне задоволен откако дознал дека „црквите дур до Македонците се единствени“ во почитувањето на никејската религиска определба. Идентификацијата на Македонците, во етнички и религиски контекст, во делото на Созомен е сосема јасно евидентирано. Ваквата констатација мошне конкретно е одразена) во недвосмисленото сведоштво на Теодорит Кирски за припадноста на градот Солун „на македонскиот народ“. Дека кај Теодорит постои јасно поимање за етничката констелација во Македонија во периодот од 4 до 5 век говори и фактот дека тој во својата црковна историја паралелно го користи терминот Македонци и при идентификувањето на приврзаниците на еретичкото движење на константинополскиот епископ Македониј, кое било мошне активно во втората половина од 4 век. Фактот што Теодорит не чувствувал за потребно да употреби различни термини за Македонците во етничка смисла и за Македонците приврзаници на учењето на Македонија само по себе говори за неговото јасно поимање за Македонците како доминантно население во Македонија во овој период. Ваквото поимање содржано кај Теодорит воедно ја одразува и генералната перцепција која во тоа време постоела кај црковните кругови. Тоа најилустративно е евидентирано во писмата на миланскиот епископ Амброзиј од крајот на 4 век, како и во опширната папска кореспонденција од рановизантискиот период, каде се наведуваат Македонците во религиско-етничка конотација. Најтипичен пример кој го одразува континуитетот и посведочената егзистенција на Македонците во рановизантискиот период, несомнено е сведоштвото на солунскиот архиепископ, Јован. Тој во првата збирка на Чудата на Св. Димитрија, недвосмислено ги портретира Македонците и Св. Димитрија како единствено заслужни за успехот во одбраната на градот од словенско-аварскиот напад во 586 година. Јован образложува дека одбивањето на опсадата од огромната словенско-аварска паганска војска, се должела на пресудната улога на Св. Димитрија, кој ја поттикнал храброста кај Македонците во Солун. Ваквото сведоштво на солунскиот архиепископ, претставува неоспорна потврда за егзистенцијата на Македонците во 6 век како доминантни жители во Солун, како и впрочем во Македонија, компарирано и со другите извори. Тоа добива посебно на значење, ако се земе предвид дека Јован како сведок на настаните и активен учесник во организирањето на одбраната на градот, не само што го пренесува своето лично поимање за етничката структура на Солун, туку директно ја одразува и тогашната перцепција кај Солунците. Фактот што Чудата на Св. Димитрија претставуваат и своевидни хомилии наменети за Солунците, ја илустрира и тенденцијата на Јован за креирање на претставата за Димитрија како светец, заштитник и победник против Словените - пагани. Ако кон тоа се додаде и занемареното сведоштво на Симеон Метафраст од 10 век, каде сосема јасно се констатира етничката поврзаност на Димитрија со „родот на античките Македонци“, станува сосема јасна и популарноста која ја стекнал култот на Св. Димитрија во Солун. Тоа е разбирливо, ако се земе предвид дека при самото креирање на култот на Св. Димитрија во средината на 5 век, всушност, биле вградени македонските традиции на популарното паганско божество Кабири. Супституцијата на богот Кабири со новиот христијански херој - Св. Димитрија, била сосема прифатлива за Македонците во Солун во периодот на глобалната религиска транзиција, како начин за продолжување на изразувањето на религиските традиции и идентитет. Евидентираното продирање на култот на Св. Димитрија меѓу Словените во околината на Солун во 30-те години на 7 век, истовремено ја илустрира и улогата на Св. Димитрија во првобитната фаза од процесот на христијанизација на македонските Словени. Процесот на интеракција и комуникација помеѓу Солунците и Словените од околината на Солун бил овозможен и од панаѓурот кој се одржувал традиционално во чест на Св. Димитрија. Директната поврзаност на Македонците со култот на Св. Димитрија продолжила и во наредните векови, што сосема јасно е евидентирано во византиската сатира „Гимарион“, составена во 12 век, каде се наведува дека „денот на Св. Димитрија во Солун е величествен фестивал како Панатинеи во Атина или Напионии во Милет; тоа е голема македонска прослава, каде не само што се собира македонскиот народ, туку и народи од сите видови и од сите правци: Грци од различни региони на Хелада, мизиски племиња кои ги населуваат областа околу Истар (Дунав), регионите на Скитите, Кампанианите, Италијците, Иберијците, Лузитанците и Келтите зад Алпите“. Како заклучок се наметнува констатацијата дека во перцепцијата на мнозинството автори од рановизантискиот период (4 - 6 век), Македонците се идентификуваат како доминантен етнички елемент во Македонија. Ваквата перцепција е проследена со конкретното и прецизно етничко, политичко-територијално и религиско издвојување на Македонците од соседните области на Македонија. Посведочениот континуитет на античките Македонци како доминантно население во Македонија, несомнено имал суштинска рефлексија врз процесот на пренесувањето на античките македонски традиции на населените Словени на македонска територија од 7 век. Тоа го потврдуваат најновите историско-археолошки студии за населувањето на Словените на Балканот, кои покажуваат дека словенското населување не претставувало класична миграција, проследено со масовна колонизација. Оттаму, населувањето на Словените немало капацитет директно и целосно да ја промени етничката констелација во регионот, иако неоспорно било силното влијание на словенскиот етнос. Станува збор за етапен процес, кој ја овозможил заемната симбиоза помеѓу античките Македонци и населените Словени во Македонија. Новата сложена етничка конфигурација која се формирала на територијата на Македонија во текот на 7 век, преку евидентираното присуство на античките Македонци и на населените Словени, ги навело византиските автори во своите сведоштва од 8 век да започнат да ги идентификуваат населените Словени на македонска територија, со единственото име - Македонски Склавинии. Поаѓајќи од тоа, може да се констатира дека античките Македонци имале исклучително силно влијание врз процесот на групната самоидентификација и креирањето на идентитетот на населените Словени во Македонија.
Античките Македонци-посведочен континуитет
Ставот дека по ликвидирањето на Македонската држава по 168 г.пр.н.е. Македонците продолжиле да егзистираат како народ задржувајќи ги своите етнички белези и традиции, долго остана игнориран Прашањето за судбината на античките Македонци по пропаста на Македонско Царство во 168 г. пред нашата ера долго време беше обвиено со мистичност, што во голема мера беше резултат на занемарувањето на овој период од историјата на Македонија. Ваквата состојба имаше и политичка димензија, поради присутната тенденција во историографијата на поранешна СФРЈ заснована, меѓу другото, на односите Белград - Атина. Тоа доведе до акцентирање на словенството наспроти антиката во историографските трудови во СФРЈ. Обидот на Ф. Папазоглу („Македонски градови у римско доба“, 1959 г.) пред половина век да го иницира ова прашање, со констатацијата дека по ликвидирањето на Македонската држава по 168 г.пр.н.е. Македонците продолжиле да егзистираат како народ задржувајќи ги своите етнички белези и традиции, остана игнориран. Воедно Папазоглу самата подоцна во извесна смисла упати на можна корекција на ваквиот став. Сепак, освен попатната констатација за континуитетот на Македонците по римското освојување на Македонија, во македонската и генерално во светската историографија отсуствува поспецијален научен третман и елаборација на прашањето за континуитет на античките Македонци во периодот од 4 до 6 век, рефлектиран преку нивната посведочена егзистенција во изворните сведоштва. Станува збор за историски период, во кој се редефинираа политичко-идеолошките односи меѓу Истокот и Западот, а кој претходи на реконфигурацијата на констелацијата на регионот на Балканот со населувањето на Словените. Сето тоа ја наметнува потребата од сеопфатна историска анализа на изворните сведоштва за периодот 4-6 век, во кои неоспорно се евидентирани античките Македонци како доминантен етнички елемент во Македонија. „Гледам како ја прошируваш твојата власт до Илирик и земјата на Македонците“, пишува Сидониј Аполинариј, во панегирикот посветен на западниот император Антхемиј во Рим во 467 година. Портретирањето на политичко-територијалниот опсег на Византиската империја на Балканот во средината на 5 век од страна на Аполинариј, сосема јасно е проследено со перцепцијата за посведоченото егзистирање на Македонците и нивната идентификација како жители на Македонија. Ваквото поимање за Македонија го споделуваат и повеќето автори од грчка и латинска провениенција во периодот од 4 - 6 век, кои при политичко - географското и религиското дефинирање на територијата на Македонија го употребуваат и терминот Македонци во етничка конотација. Анализата на изворните сведоштва на авторите од посочениот период упатува на тенденцијата за прецизно територијално разграничување на Македонија во етничка смисла, компарирано со соседните територии. Ваквата состојба е одразена во црковната историја на Созомен, кој констатирајќи ја договорната поделба на територијата на Империјата помеѓу со-императорите Константин 1 и Лициниј во 317 година, меѓу другите народи на Балканот ги наведува и Македонците. Тоа Созомен евидентно го прави во контекст на идентификувањето на територијата на Македонија која била инкорпорирана во политичката сфера на западниот император Константин 1. Дека кај авторите од периодот 4 - 6 век постои јасна перцепција за етничката констелација во Македонија, сведочи и тенденцијата за конкретно дефинирање на природните географски премини, како граници на етничко раздвојување на Македонците од Тракија и од Тесалија. Етничката идентификација на Македонците и нивната директна поврзаност со територијата на Македонија, е содржана и во поемите на Клавдиј Клавдијан. Конкретизирајќи го правецот на движењето на источната војска до Тесалија кон Константинопол по смртта на императорот Теодосиј 1 во 395 година, Клавдијан посочува дека откако „војниците ги напуштија земјите на Хемонија, ги достигнаа границите на Македонците и се приближија до твоите ѕидини, о Солун!“. Ваквиот опис на Клавдијан го одразува неговото јасно поимање за јужните географски и етнички граници на Македонија со Хемонија, која генерално претставува термин за идентификација на територијата на северна Грција, односно Тесалија. Во податокот мошне илустративно е прикажано дека по напуштањето на Тесалија се преминувале „границите на Македонците“, односно се навлегувало на територијата на Македонија. Етничката идентификација на Македонците со територијата на Македонија е присутна и при описот на походот на Готите во Македонија. Имено Клавдијан наведува дека готските војници лесно ги поминале реките Стримон и Халиакмон и дека „Македонецот е зачуден што недостижниот дури за облаци Олимп, е преминат како поле“. Покрај политичко - географското разграничување на Македонија во етничка смисла, кај авторите од рановизантискиот период може да се забележи и тенденцијата за идентификација и издвојување на Македонците во религиска конотација. Генералниот контекст кој преовладува кај црковните историчари во однос на религиските случувања на Балканот, ја одразува цврстата приврзаност и определба на Македонците кон Никејската догма. Созомен, на пример, ги посочува Македонците меѓу народите кои благодарение на императорот Константин 1 уште во втората половина од 4 век, слободно можеле да ја почитуваат христијанската вероисповед. Созомен, заедно со останатите црковни историчари, како Сократ, Теодорит Кирски, Евсевиј врз чијашто перцепција во голема мера се заснова денешното поимање на тогашните религиски односи, ги наведуваат Македонците како доследни приврзеници на вероисповедта утврдена на Никејскиот Вселенски собор во 325 година. Примерот со протерувањето на епископот Павле од Константинопол во 340 година, по наредба на императорот Констанциј 2 и неговото присилно заминување во Солун - метрополата на Македонија, со „забрана за преминување на било кој одел од источната Империја“, имплицира дека во овој период, покрај политичко-територијалното, постоело и строго религиско разграничување помеѓу Истокот и Западот, во согласност со различната определба кон Аријанството и Никејската вероисповед. Религиската граница формално била утврдена по црковниот собор во Сердика во 343 и истата се протегала по должината на линијата на раздвојување помеѓу Македонија и Тракија, а се задржала до крајот на 4 век. Оваа политичко- идеолошка граница кореспондирала со идентификуваната етничка граница помеѓу Македонија и Тракија.
Јустинијана Прима - во Скопје
Претпоставеното јадро на Јулијана Прва лежело веројатно на просторот на поткале, до Старата чаршија на исток. Со сондирање е откриено обѕидие и околу тој простор. Во средниот век тука се напластил средновековниот град Скопје. На историчарите на Византија и на христијанството уште во минатите векови им беше познато пишувањето на Прокопиј од Каисареја дека царот Јустинијан Први бил роден во европска Дарданија (постоеле и малоазиски Дарданци, на брегот на Дарданелите). Беше роден во местото Тауресиум кај кастелот Бедеријана. За да се оддолжи на родниот крај, царот таму изградил нов град наречен по неговото име Јустинијана Прима (Прва). По убавината и раскошот на градбите овој град беше прв во регионот. Тој станал седиште на архиепископот и престолнина на префектурата Северен Илирик (регија од Дунав на север до Демир Капија и Пелагонија на југ). Архиепископот ја наследил црковната власт на дотогашните епископи до Скупи (римско Скопје), кои дотогаш биле митрополити во целата провинција Дарданија. Споменатата врска беше клучен момент при поврзувањето на новиот град, Јустинијана Прва, со старото Скупи што страда во земјотресот во 518 година и потоа целосно исчезнува од пишаните документи. Ова уривање на Скупи целосно е потврдено со археолошките ископувања што таму се изведуваат во последните 50 години. Стариот град замре целосно и засекогаш. Новиот град бил поместен на нова и побезбедна позиција, три километри источно по Вардар. Тој е граден наскоро по земјотресот и посветен во 535 година. Новата убавица Јустинијана Прима во следните векови продолжила да живее под старото име сé до денес. Тоа е Скопиа, Скопие, Скоплје, Искиб, Шкуп, нашиот главен град со бурна историја во овие 15 векови постоење. Јадрото на византискиот град Јустинијана Прима било укрепено со силни ѕидови, обложено со илјадници камени блокови и делови од столбови, украси и седиште од театарот и делови од други градби, ископани од урнатиот римски град Скупи. Ова е потврдено и со ископувања. Значи сé е јасно и сосема логично. Ако е така, зошто балканските историчари ова не го прифатат како вистина и стават точка на прашањето каде се наоѓала Јустинијана Прима? Причините за ова лежат како во некои стари заблуди, така и во неистраженоста на просторот на скопското Кале и Поткале. Во изминатите години тука не е откопано речиси ништо што за нашите „експерти“ би важело како доказ. Натаму, и тоа што е откопано не е проучено и лежи заборавено по музејските магацини. Вистина е дека на челната, северна и североисточна страна на Калето се протега монументален одбранбен ѕид со куполи, висок 10-12 метри и долг уште 180 м, а кој се гледа и без ископување. Според начинот на градење и монументалноста, овој многу скап „киклопски“ ѕид, се разликува од останатите ѕидови градени на Калето во среден век и во турскиот период. Меѓутоа, нашите експерти не се разбираат во старата ѕидарија со особеностите, изгледот, техничките карактеристики. Спомнатата убава и скапа градба останала без коментар до денес. Од тие причини поврзувањето на Јустинијана Прима со Скопје е оставено да лежи настрана, како обична научна фикција. Како стипендист на германската влада во Бон имав можност повеќепати да престојувам во големите библиотеки во Франкфурт и Минхен и таму да го завршам моето дело за доцноантичките укрепени места во Република Македонија. Нивното идентификување како утврдени градови села, укрепени руднички и рударски тврдини, воени кастели и каструми, гранични контроли, стражи и збегови - 450 на број - претставуваше новина во стручната литература во Западна Европа. Баварската академија на науките се нафати целосно да го финансира и издаде ова големо дело (Минхен 2001). Во него го анализирав и челниот ѕид на Скопското кале, за којшто по повеќегодишна дискусија со германските стручњаци и консултирање на обемна литература заклучив дека е граден во времето на Јустинијан Први. Повеќе од 100 вакви обѕидија стојат и денес добро сочувани во крајбрежниот појас на Северна Африка, што Јустинијан го освои, укрепи и го приклучи кон проширената империја. Потоа на низа градови и тврдини во Сирија. Палестина и Мала Азија обновени во 6 век. Сите овие обѕидија биле градени во еден поцврст и репрезентативен слог, однадвор обложени со големи камени блокови (т.н. киклопски ѕидови). Блоковите најчесто биле сложени во монументален преплетен слог. Во балканските простори вакво скапо ѕидање среќаваме само во неколку најзначајни градови (во Солун, Дирахиј - Драч, Сердика - Софија, и некои други помали места на Црно Море, но во поскромна изведба). Блоковите, вградени во скопското кале биле донесени главно од урнатините на римскиот град Скупи, три километри, западно од калето. Споменатиот киклопски ѕид претставува ремек - дело на градителската вештина од тоа време и е единствен кај нас. Со ископувањата во 2007 година допрени беа и станбените слоеви од 6 век. Тие беа потврдени со остатоците од секојдневниот живот: искршена грнчарија и монети од 6 и раниот 7 век. На североисточниот ѕид делумно е откопана и една градска порта, која во доцниот 6 век била заѕидана - очигледно поради зачестените словенски инвазии во тоа време. На Калето стоела акрополата на градот, главно со воени објекти, макар што е откопана и една црква од 6 век со крстообразна основа. Цивилната населба се ширела на благата падина Поткале, до Старата чаршија на север. Освен споменатите наоди има и други, индиректни докази за локацијата на Јустинијана Прима на просторот на скопското кале и поткале. Аквадуктот зад касарната „Гоце Делчев“ стои 1,8 километри северно од калето. Масното население го викаат Римски водовод. Тој ја носел водат точно во насока на калето. Водоводната жила е откопана на неколку места на линијата од Скопска Црна Гора до Француските гробишта. Аквадуктот го бележат западноевропските патници што го посетиле Скопје во 16, 17, 18 и 19 век. Тоа е еден од најубавите рановизантиски споменици запазени кај нас. Останува да кажеме дека претпоставеното јадро на Јулијана Прва лежело веројатно на просторот на поткале, до Старата чаршија на исток. Со сондирање е откриено обѕидие и околу тој простор. Во средниот век тука се напластил средновековниот град Скопје.







