Баерн Минхен фаворит против Базел, Марсеј домаќин на Интер во ЛШ




Вечерва ќе се одиграат последните осминафинални натпревари од Лигата на шампиони на кои Баерн е голем фаворит против Базел, а Интер ќе бара спас на сезоната во Франција против Марсеј.

По крајно лошите резултати во домашното првенство, Интер ќе се обиде да ја спаси сезоната преку натпреварите од Лигата на шампиони. Интер нема победа на последните пет натпревари, па на тренерот Клаудио Раниери му се заканува отказ и тренерската фотелја ќе си ја задржи само со успех во најелитното европско натпреварување.

Екипата на Олимпик Марсеј исто така има мали проблеми во домашното првенство, но со предноста од домашниот терен тренерот Дидие Дешамп се надева дека ќе се избори за поволен резултат пред реваншот во Милано. Единствен хендикеп за Дешамп е неиграњето на најдобриот стрелец Лоик Рами, а во екипата на Интер ќе недостасува само Рики Алварез.

Интересно, овие два тима досега на европската сцена се имаат сретнато само еднаш и тоа во четвртфиналето од Купот на УЕФА, а францускиот тим славеше на двата натпревара со резултат 1-0.

На вториот вечерашен натпревар, изненадувањето Базел ќе го пречека Баерн Минхен.

Швајцарците го елиминираа Манчестер Јунајтед од групната фаза, а сега ќе имаат многу потешка задача против „баварците“. Но, тимот на Фогел нема лесно да се предаде, најмногу поради фактот што Баерн не блеска на гостувањата во 2012 година. Сепак Баерн Минхен е голем фаворит на овој дуел. Германците секогаш атакуваат на највисокиот пиедестал, а посебен мотив за нив оваа сезона е фактот што финалето на Лигата на шампиони оваа сезона се игра на нивниот стадион во Минхен.

Подготвил: Јовица Симоновски
 












































frontpage hit counter