„130 тома македонска книжевност“ доставена до светските библиотеки




Осумдесетина комплети од едицијата „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик, се доставени до поголеми национални библиотеки во светот, амбасадите на Република Македонија и црковните општини на МПЦ во странство, стручни и научни институции од областа на литературата.

Во списокот за дистрибуција планирани се вкупно 372 комплети, со кои светската јавност ќе се запознае со репрезентативниот избор на најдоброто од македонската книжевност создавана низ вековите.

До македонските амбасади ќе бидат дистрибуирани преку Министерството за надворешни работи, а во земји каде што Република Македонија нема амбасада, книгите ќе бидат подарени во националните библиотеки. Според списокот на Министерството за култура, предвидено е достава во библиотеките во Перу, Колумбија, Мексико, Куба, Бразил, Аргентина, Кипар (Никозија), Либан, Сирија, Иран, Ирак, Пакистан, Мароко, Гана, Кенија, Јужноафриканска Република,Танзанија, Зимбабве, Нигерија, Тајланд, Сингапур, Малезија, Шри Ланка, Нов Зеланд и Филипини.

НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје која го реализираше проектот, соопшти дека едицијата „130 тома македонска книжевност“ ќе добие превод на уште шест јазици – германски, француски, руски, шпански, арапски и кинески, но во скратена, антологиска форма.

Подготвил: Милева Лазова
 
frontpage hit counter